УСЛОВИ ЗА АПЛИЦИРАЊЕ И УЧЕСТВО
„Diamond Hub: Центар за економско јакнење на жените“
1. Општи одредби
1.1. Овие Услови за аплицирање и учество (во понатамошниот текст: „Услови“) ги уредуваат правата и обврските на:
- организаторот Diamond Mall (во понатамошниот текст: „Организатор“), и
- сите лица кои аплицираат и/или учествуваат во програмата (во понатамошниот текст: „Кандидатки“ и „Учеснички“).
Овие Услови претставуваат правила за учество во програмата и не претставуваат договор за вработување, договор за образование, договор за стипендирање, ниту создаваат обврска за Организаторот за обезбедување на вработување, финансиска поддршка, започнување или развој на бизнис, или остварување на конкретни професионални, деловни или финансиски резултати спрема било кој учесник во програмата.1.2. Со поднесување на пријава за учество во програмата, кандидатката потврдува дека:
- ги има прочитано, разбрано и целосно ги прифаќа овие Услови;
- се согласува нејзините лични податоци да бидат обработувани за потребите на програмата, согласно важечката регулатива за заштита на лични податоци.
1.3. Организаторот има право да врши измени и дополнувања на овие Услови. Ажурираната верзија ќе биде објавена на официјалните канали на Организаторот и ќе важи од денот на објавување.
2. Право на аплицирање
2.1. Право на аплицирање имаат само физички лица – жени кои кумулативно ги исполнуваат следните услови:
- се полнолетни (имаат навршено 18 години на денот на аплицирање);
- се државјанки или законски резидентки на Република Северна Македонија;
- имаат реална потреба од економско јакнење (невработеност, ниски приходи, самохрано родителство, припадност на ранлива група и сл.);
- имаат интерес за вработување, преквалификација и/или започнување/развој на мал бизнис;
- се подготвени активно да учествуваат во сите планирани активности на програмата.
2.2. При процесот на селекција, приоритет може да имаат кандидатки кои, согласно целите на програмата, се соочуваат со поголеми социјални и економски предизвици и имаат потреба од дополнителна поддршка, при што Организаторот ќе ја зема предвид нивната вкупна социо-економска состојба, мотивација, потенцијал за развој и потреби, односно:
- самохрани мајки
- ;
- жени кои се соочуваат со социјални или економски предизвици и имаат потреба од дополнителна поддршка за нивно економско јакнење.
- жени со ограничен пристап до образование
- жени од рурални средини
жени од ранливи категории (жени кои поради својата социјална, економска или животна состојба имаат отежнат пристап до можности за образование, вработување или економска самостојност); 2.3. Во програмата не можат да учествуваат лица:
- кои не ги исполнуваат горенаведените услови;
- кои поднеле лажни или неточни лични податоци;
- кои, со своето претходно однесување во слични програми, значително го нарушиле текот на активностите (доколку Организаторот поседува такви информации).
3. Аплицирање и потребни податоци
3.1. 3.1. Аплицирањето се врши во рокот и на начин определен од Организаторот, преку онлајн формулар, лично доставување на пополнета апликација или друг начин кој ќе биде објавен од Организаторот преку неговите официјални канали.
- 3.2. Пријавата задолжително ги содржи податоците неопходни за спроведување на процесот на селекција и реализација на програмата во обем потребен за целите на програмата, a особено содржи:основни лични податоци (име и презиме, возраст, место на живеење, контакт телефон, е-мејл);
- лична приказна и опис на актуелната социо-економска состојба;
- мотивација за учество и визија за иднината;
- опис на бизнис идеја или професионална цел (доколку постои);
- основен буџет за бизнис идеја (доколку постои).
3.3. Организаторот има право доколку е потребно заради проверка на исполнување на условите за учество или за потребите на процесот на селекција, да побара доставување на дополнителни документи или информации за потврда на одредени наводи, вклучително , се, но не ограничувајќи се на:
- потврда за невработеност;
- релевантни решенија или други документи со кои се докажуваат одредени животни или социјални околности;
- други релевантни документи издадени од надлежни институции.
3.4. Со поднесување на апликацијата, кандидатката изјавува под целосна материјална и морална одговорност дека сите доставени податоци и информации се вистинити, точни, целосни и не го доведуваат во заблуда Организаторот. Доколку се утврди дека кандидатката доставила лажни, неточни или нецелосни податоци, Организаторот има право да ја одбие апликацијата или да ја исклучи кандидатката/учесничката од програмата, без обврска за надомест или каква било друга компензација.
3.5. Кандидатката се согласува и потврдува дека информациите и документите доставени во рамки на апликацијата ќе бидат користени исклучиво за потребите на процесот на селекција и спроведување на програмата, согласно важечките прописи за заштита на личните податоци.
4. Процес на селекција и одлука
4.1. Селекцијата ја врши специјална комисија/жири формирана од Организаторот, составена од претставници на Организаторот и партнери.
4.2. Жирито ги оценува пријавите според јавно објавени критериуми (мотивација, социо-економска потреба, претприемачки и развоен потенцијал и сл.).
4.3. По спроведената селекција, Жирито одлучува кои кандидатки ќе бидат примени како учеснички во програмата.
Бројот на учеснички е ограничен (до 20 жени).
4.4. Одлуката на Жирито е конечна во рамки на интерната постапка за селекција на учеснички во програмата. Самото поднесување на апликација не создава право на прием во програмата, ниту кандидатките имаат право да бараат надомест, обештетување или каква било друга компензација поради неизбор.
4.5. Непримените кандидатки може да бидат ставени на листа на резерва, со можност за вклучување доколку некоја од првично избраните учеснички се откаже или биде исклучена.
5. Правен статус на програмата и финансиски аспекти
5.1. Програмата претставува општествено одговорна активност на Организаторот, а не е формално образование, или гаранција за вработување.
5.2. Учеството во програмата е доброволно и без надомест за учесничките.
Организаторот не наплатува никаква котизација/такса за учество од страна на учесничките.
5.3. Организаторот не е обврзан да обезбеди:
- финансиска поддршка, грантови или кредити за бизнис идеи;
- работни места или формални договори за вработување по завршување на програмата.
Секоја евентуална дополнителна поддршка (грантови, донации, вработување) ќе биде предмет на посебни договори/правила, доколку ги има.
5.4. Учесничките немаат право по основ на самото учество во програмата да бараат:
- плата, хонорар или било каков друг паричен надомест за своето учество;
- надомест на трошоци (превоз, храна, сместување), освен доколку поинаку не е експлицитно наведено и одобрено од Организаторот.
- гарантиран деловен успех, пласман на производи или услуги, приходи или конкретни финансиски резултати од активностите на учесничките.
6. Обврски и одговорности на учесничките
6.1. Со прифаќање на учеството, учесничката се обврзува:
- редовно да присуствува на обуките, работилниците, психосоцијалните и правни сесии , тренинг сесиите и менторски средби согласно распоредот утврден од Организаторот; Неоправданото отсуство од страна на учесничките може да биде основ за исклучување.
- да ги почитува распоредите и упатствата на Организаторот и обучувачите/менторите;
- да се однесува коректно, со почит кон останатите учеснички, ментори, предавачи и персонал;
- да ги почитува правилата за користење на „Diamond HUB“и другите простории (грижа за опремата, одржување ред и чистота, забрана за узнемирување, дискриминација, насилство, говор на омраза и други несоодветни однесувања..).
7 – Права, придобивки и важност на учеството во програмата
7.1. Учесничките во програмата „Diamond Hub: Центар за економско јакнење на жените“ стекнуваат право на целосно бесплатна поддршка од Организаторот, која се состои од следниве елементи:
- Психосоцијална поддршка и јакнење на самодовербата
- Правна поддршка и информираност за права
- Едукација и развој на вештини (capacity building)
- Дигитални вештини
- Финансиска писменост
- Е-комерц и фриленс
- Од рачна изработка до успешен пласман на пазарот
- Меки вештини и вработливост
Пристап до „Diamond HUB“– ко-воркинг простор
Бесплатен пристап до:
- високобрзински интернет,
- компјутери и основна канцелариска опрема,
- безбеден и поддржувачки простор за учење, работа и развој на бизнис идеи;
- Можност за користење на просторот за:
- изработка на CV,
- развој на бизнис планови,
- онлајн курсеви,
- аплицирање за работа,
- иницирање мали бизниси и фриленс активности.
- Менторство и професионално вмрежување
- Поддршка од жени менторки
Редовни менторски сесии за:
- поставување лични и професионални цели,
- изработка на план за развој,
- следење на напредок и надминување пречки,
- кариерно и бизнис насочување;
- Можност за вмрежување со компании, организации и други релевантни чинители.
7.2. Учеството во програмата има значајна развојна и општествена вредност за учесничките, бидејќи:
- обезбедува структуирана поддршка за излез од социјална изолација и влез во економска активност;
- им помага на жените да стекнат знаење, вештини и самодоверба потребни за самовработување, вработување или дополнителен приход;
- придонесува за јакнење на нивната економска и социјална позиција во семејството и заедницата;
- поттикнува активно учество на жените во локалната економија и градење на одржливи, мали бизниси.
7.3. Сите наведени придобивки се обезбедуваат без финансиски надомест од страна на учесничките. Програмата има исклучиво едукативна, поддржувачка и општествено корисна цел.
8. Исклучување од програмата
8.1. Организаторот има право, по свое дискреционо овластување, да исклучи учесничка од програмата во следниве случаи (примерно набројани):
- континуирано и неоправдано отсуство од обуките и активностите;
- непочитување на правилата за однесување или правилата на Diamond HUB;
- насилно, навредливо, дискриминаторско или друго несоодветно однесување кон други учеснички, предавачи или персонал;
- намерно оштетување на опрема или имот;
- давање лажни податоци или злоупотреба на програмата.
8.2. Исклучувањето може да се изврши без финансиска, материјална или било каква друга обештетување кон учесничката.
Организаторот не е должен да наведе детално образложение за секој поединечен случај во јавност.
9. Заштита на лични податоци
9.1. Организаторот ги обработува личните податоци на кандидатките и учесничките исклучиво за потребите на:
- селекција и комуникација со кандидатките;
- организација и спроведување на програмата;
- известување за резултати, активности и можности поврзани со програмата.
9.2. Податоците ќе се обработуваат во согласност со важечките закони за заштита на лични податоци во Република Северна Македонија и интерните политики на Организаторот.
9.3. Кандидатката/учесничката има право да побара:
- пристап до своите лични податоци;
- исправка на неточни или нецелосни податоци;
9.4. Лични податоци нема да се споделуваат со трети лица, освен:
- со партнерски организации и експерти директно вклучени во програмата (ментори, правни и психолошки советници, обучувачи),
- доколку тоа е неопходно за исполнување на целите на програмата или е законски задолжително.
Личните податоци ќе се чуваат само онолку време колку што е потребно за исполнување на целите на програмата и исполнување на законски обврски
10. Медиумска и промотивна употреба на податоци
10.1. Организаторот може да создава фото, видео, аудио и текстуални материјали (интервјуа, приказни, промотивни видеа) поврзани со програмата.
10.2 Објавувањето или користењето на материјали кои содржат лик, глас или приказна на учесничките ќе се врши само врз основа на претходно дадена согласност од учесничката.
11. Ограничување на одговорност
11.1. Организаторот вложува разумни напори да обезбеди квалитетни обуки, менторство и поддршка, но не гарантира:
- вработување;
- обезбедување приход;
- успех на било која бизнис идеја;
- конкретен резултат за секоја учесничка.
Овие услови имаат за цел да обезбедат јасен, транспарентен и фер процес на аплицирање, со посебен фокус на жени кои се соочуваат со сериозни социјални и економски предизвици и имаат силна мотивација за промена и економско осамостојување.
Организаторот не одговара за одлуките, активности или деловни резултати на учесничките кои произлегуваат од стекнатите знаења или информации добиени во рамки на програмата.